eFondovi.mk

Речник

Зборовите од јавните повици, со обични зборови.

Барател
Оној што поднесува барање за финансиска поддршка, сѐ додека барањето не е одобрено.
Деловен план
Документ што ја опишува инвестицијата и покажува дека е исплатлива. Така се вика во македонските повици; во разговор се слуша и „бизнис-план“.
Јавен повик
Објава со која институцијата повикува да се поднесат барања, со условите, износот и рокот.
Корисник
Барател на кого му е одобрена поддршка.
Кофинансирање
Делот од трошоците што го покрива поддршката, изразен во проценти. Остатокот го плаќа барателот.
Мерка
Дел од програма со своја намена, свои услови и свој буџет. На пример, Мерка 1 и Мерка 7 во ИПАРД.
Неприфатливи трошоци
Трошоци што повикот не ги признава. Се плаќаат целосно со сопствени средства.
Општи трошоци
Трошоци за проекти, студии, консултанти и деловен план. Во ИПАРД се признаваат до 10% од прифатливите трошоци.
Помош од мала вредност
Државна помош до пропишан износ во три години, позната и како „де минимис“. Барателот ја пријавува помошта што веќе ја примил.
Претходна најава
Објава со која институцијата најавува дека наскоро ќе излезе јавен повик.
Прифатливи трошоци
Трошоци што повикот ги признава и врз кои се пресметува поддршката.
Ранг-листа
Список на барањата подреден по бодови, според кој се одобрува поддршката.